с. Белица, Поречие
Одмор за очите, релаксација за душата, место каде што може да се избега од брзото темпо на живот и за момент да се заборави на секојдневните обврски. Во тоа помага и жуборот на бистрата река Белешница која едноставно повикува на разладување во неа од жештината. Високата планина Даутица високите карпи, зеленилото... го одземаат здивот. И уште многу вакви убавини нема да бидат доволни за опис на селото Белица, кое се наоѓа во Поречието, односно во Општина Самоков, во близина на градот Македонски Брод.

Белица, потекнува уште од дамнешно време, а под владеење на Османлите останало сe до 1912 година. Првите негови жители биле тројца браќа од селото Бенче, кое исто така се наоѓа во Поречието. Тие направиле колиби, а заедно со себе донеле и добиток. По нив во селото се населила една фамилија од селото Рамне, подоцна дошле некои луѓе од селото Локвица. Во дамнешно време во Белица имало 400 жители, сега има околу 100.

Во дамнешно време жителите на селото Белица се собирале пред селската воденица. Во селото некогаш постоела и валалница каде што мештаните ги бојосувале јамболиите. Денес, иако нема јамболии за бојадисување, валалницата се одржува за перење на кебиња и други волнени прекривки. Внатре во валалницата има воденица за мелење пченка, од која мештаните си го хранат добитокот.

Вниманието на посетителите на селото Белица го привлекуваат и двата рибника. Селото, сега засега живее само за време на викендите и празниците, како и за селската слава Св. Пантелејмон, на 9 август.

